Денес на состанокот што се одржа во Бахреин, новите сопственици на Формула 1 на тимските шефови и ФИА им ги презентираа своите предлози за иднината на спортот од 2021 година па натаму.
На состанокот не се одржала дискусија, туку тоа било само презентација водена од Чејс Кери и Рос Браун. Сите претставници на Ф1 тимовите ги добија планираните промени во писмена форма.
Според извори од Ф1 падокот, за 2021 Ф1 плановите нема да има дискусија, туку тимовите имаат избор да учествуваат или да заминат од Шампионатот. ФИА ги поддржува овие промени.
Чејс Кери, претседател и извршен директор на Формула 1, рече:
"Формула 1 е спорт со богата историја. Ние сакаме да ја зачуваме, заштитиме и подобриме таа историја со ослободување на целосниот потенцијал на Ф1, ставајќи ја во срцето на нашите фанови, како поконкурентен и повозбудлив мотоспорт. Ние сме поттикнати од една желба, а тоа е создавање на водечки спортски бренд во светот, отворен кон фановите, комерцијално успешен, профитабилен за нашите тимови и со врвни технолошки иновации."
КЛУЧНИ СТРАТЕШКИ ИНИЦИЈАТИВИ
1. ПОГОНСКА ЕДИНИЦА (ПЕ)
ПЕ мора да бидат поевтини, поедноставни, погласни, да имаат поголема моќност и да се намали потребата од грид казни. Таа мора да остане во тесна врска со автомобилската индустрија, хибридна и да им овозможи на производителите да изградат уникатна и оригинална ПЕ. Новите правила за погонските единици мораат да бидат атрактивни за нови учесници, а тимовите-клиенти мора да имаат пристап до еквивалентни перформанси.
2. ТРОШОЦИ
Ние веруваме дека мора да биде побитно како ќе се потрошат парите, отколку колку пари ќе бидат потрошени. Планирани се одредени стандардизирани елементи, но, разновидноста на болидите мора да остане основна вредност. Ограничените буџети на тимовите мора да ја задржат позицијата на Формула 1 како врв на мотоспортот со најсовремена технологија. (Според извори во падокот, тимови биле информирани за воведувањето на буџет од 150 милиони американски долари за 2021 година.)
3. ПРИХОДИ
Новите критериуми за распределба на приходите мора да бидат поурамнотежени, засновани на меритократијата на сегашните перформанси и наградување на успехот за тимовите и носителот на комерцијалните права. Уникатната, историска ф1 франшиза и вредност мора и се уште ќе биде препознаена. Поддршка за приходи за тимовите и за добавувачите на мотори.
4. СПОРТСКИ И ТЕХНИЧКИ ПРАВИЛА И ПРОПИСИ
Мораме да направиме болиди кои ќе имаат поголеми можности за претекнување. Инженерската технологија мора да остане камен-темелник, но вештината на возачот мора да биде доминантен фактор во перформансите на болидот. Болидите мора и ќе останат поинакви еден од друг и ќе се зачуваат различните диференцијатори како аеродинамиката, амортизацијата и перформансите на ПЕ. Сепак, ние веруваме дека областите што не се релевантни за навивачите треба да бидат стандардизирани.
5. УПРАВУВАЊЕ
Едноставна и рационална структура меѓу тимовите, ФИА и Формула 1.
Ферари и Мерцедес АМГ остануваат двата тима кои имаат потреба од најголемо убедување за прифаќање на овие предлози. Веднаш по завршување на состанокот, Тото Волф и Ники Лауда имаа разговор со Маурицио Аривабене во зградата на Мерцедес околу предлозите на Либерти Медиа.
ЛИБЕРТИ МЕДИА ЈА ПРЕЗЕНТИРАШЕ ИДНИНАТА НА ФОРМУЛА 1
4/06/2018 12:54:00 PM
0
Share to other apps