Минатата година, имавме значителни промени во техничката регулатива на Формула 1, додека за оваа 2018 сезона ќе ги има значително помалку. Сепак, изгледот на болидот ќе се смени во неколку области.
ШАСИЈА И АЕРОДИНАМИКА.
Највидлива модификација е воведувањето на HALO-системот, структура дизајнирана да го заштити возачот од ударот на летачки објект. Оваа промена претставуваше најголем проблем за дизајнерите, од една страна, бидејќи зголемената минимална тежина на болидите за само 5 килограми (733кг) само делумно ја компензира тежината на компонентата и, од друга страна, поради неизбежниот ефект врз протокот на воздух.
Аналитичарите прогнозираат, дека естетски може да се очекува подобрување во однос на прототипите на HALO-системот што ги гледавме на патеките, благодарение на тоа што ќе биде малку повеќе интегриран во шасијата и боите на болидите. За 5 дена ќе го видиме првото решение кое ќе ни го претстави тимот на Вилијамс.
Големата "ајкулина перка" на капакот на моторот ќе ја нема повеќе, додека позиционирањето на Т-крилото, кое сите тимови го користеа за подобро насочување на протокот на воздух кон задното крило, ќе претрпи измени или комплетно ќе исчезне.
Исто така, кога сме кај задниот дел на болидот, ќе го нема и малото крилo, познато како monkey seat, што се наоѓаше под задното крило. Излезот на издувните гасови е поместен наназад, а оваа година, како дополнителна мерка на безбедност, секое тркало ќе биде врзано со три сигурносни сајли кои кои ќе го спречуваат нивното одвојување во случај на судири.
Нормите за crash-тестот на предниот дел од болидот се зголемени и посериозни, и конечно, на предната страна на шасијата на болидите ќе биде монтирана 360 видео камера.
ПОГОНСКА ЕДИНИЦА.
Според правилата, бројот на V6 моторите кои можат да се користат во текот на сезоната се намалува од четири на три, што значи дека секој ќе мора да се справи со 40% зголемување на километражата. Постојат построги ограничувања за потрошувачката на масло, од само 0.6 литри на 100км. Исто така, дозволен е само еден вид на лубрикант во текот на тркачкиот викенд.
Постојат нови регулативи кои се однесуваат на позиционирање на одредени електрични компоненти во областа околу акумулаторите. На крај имаме минимални и дополнителни ограничувања кога станува збор за користеното гориво и температурата на воздухот што влегува во цилиндрите, како и на издувните гасови.
ПОДЕТАЛНО ЗА НОВИТЕ ПРОМЕНИ НА 2018 БОЛИДИТЕ
2/10/2018 07:29:00 PM
0
Share to other apps