ЗАУБЕР C36 - ЈУБИЛАРЕН БОЛИД ЗА ЕДНА НОВА ЕРА
2/20/2017 11:31:00 AM
0
Заубер C36 е болид кој, како резултат на новите технички прописи, е редизајниран од нула. Според инженерите на Заубер Ф1 тимот на него нема нити еден ист дел од својот претходник - C35. Единствено во тимот поради недостиг на финансиски средства за 2017 сезоната се одлучија да ја користат ПЕ на Ферари со спецификации кои ги имаше на последната трка од 2016 сезоната, на патеката Јас Марина во Абу Даби. Една од промените за оваа сезона е што само четири од шест погонски единици може да се променат без казна, поради што производителите ќе стават поголем акцент на издржливоста отколку на максимална брзина од своите погонски единици.
Новите правила во Формула 1 ставаат акцент и поле на натпревар меѓу инженерите за што подобра аеродинамика на 2017 болидите. Кој ќе биде поуспешен во тоа ќе го има најбрзиот болид, но секако тоа не ја намалува потребата и за моќна ПЕ. Во Заубер акцентот бил ставен на аеродинамича стабилност на болидот, отколку на максимизирање на потисната сила.
Во оваа 2017 година Ф1 тимот на Заубер ја прославува својата 25-та сезона во историјата на Формула 1 мотоспортот и заедно со својот нов сопственик, Longbow Finance S. A., започнуваат нова ера. Возачката постава за новата сезона ги вклучува Маркус Ериксон и новакот во тимот Паскал Верлајн како први возачи.
Своето прво појавување C36 ќе го има на првата пред сезонска тест сесија на патеката Каталуња во близина на Барселона која се одржува од 27 Февруари до 2 Март.
Боите на болидот потсетуваат на минатата година, но без жолтата боја на Banco do Brasil, кои го напуштија тимот поради финансиската криза во нивната земја. Друго што остава впечаток е што болидот речиси и да нема логоа на спонзори, што не ветува баш светла иднина.
Минатото лето, тимот беше купен од страна на Швајцарскиот инвестициски фонд, Longbow Finance S. A., а бидејќи тие немаат поим од водење на Ф1 тим, беше решено да се задржи традиционалното име на основачот Питер Заубер, како и главниот шеф на тимот, Мониша Калтенборн.
Додадени се нијанси на златна боја, како обележување на нивната 25-та година во овој спорт, и се надеваме дека ќе ја доживеат својата 50-та кога златната боја би го добила своето вистинско значење, златен јубилеј.
Share to other apps